Index   Back Top Print

[ CS  - DE  - EL  - EN  - ES  - FI  - FR  - HR  - HU  - IT  - KM  - MK  - MT  - MY  - NL  - PL  - PT  - RU  - SQ  - SR  - TH  - UK  - VI  - ZH ]

ПОРАКА НА НЕГОВАТА СВЕТОСТ БЕНЕДИКТ XVI.
ПО ПОВОД XXIII. СВЕТСКИ ДЕН НА МЛАДИ

„Ќе примите сила кога врз вас ќе слезе Светиот Дух;
и ќе Ми бидете сведоци!“ ( Дела 1,8)

 

Драги млади!

1. XXIII. Светски ден на младите

Сè уште со голема радост се сеќавам на некои моменти кои заедно ги споделивме во август 2005 година во Келн. На крајот од таа незаборавна манифестација на верата и надахнувањата, ве повикав на следната средба, која ќе се одржи 2008 година во Сиднеј. Тоа ќе биде 23 Светски ден на млади, а тема на оваа средба ќе биде „Ќе примите сила кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци!“( Дела 1,8) Мислата која ќе нè води во духовната подготовка за средбата во Сиднеј е Светиот Дух и мисијата. Додека во 2006 година размислувавме за Светиот Дух како Дух на Вистината, низ 2007 година се трудиме што подлабоко да го откриеме како Дух на Љубовта, за да можеме така да се упатиме кон Светскиот ден на Младите 2008 година во Сиднеј, размислувајќи за Духот на Силата и Сведочењето, кој нас нè исплонува со храброст, за да го живееме Еванглието, и со смелост, за да го исповедаме. Затоа од посебна важност е секој од вас младите, во својата заедница и со своите воспитувачи во верата да размислувате за овој Протагонист во историјата на спасение, кој е Светиот Дух, Исусовиот Дух, како би ги достигнале овие возвишени цели: да се преопознае вистинскиот идентитет на Духот пред сè со слушање на Словото Божјо објавeно во Библијата; да се просветли свеста за неговото непрестано и делотворно присуство во животот на Црвката, откривајќи како, благодарејќи на светите тајни на христијанската иницијација, крштение, миропомазание и евхаристија, Светиот Дух на совршен начин станува „душа“, животен здив на личниот живот на христијанинот, да дозволиме во нас да созрее што подлабоко и порадосно спознавање на Исус и истовремено, во почетокот на новиот милениум, делотворно остварување и примена на Евангелието. Во оваа порака со задоволство ви давам патокази за вашите медитации, кои преку оваа година на подготовка ќе ги продлабочувате. Преку нив ќе можете да го оцените квалитетот на вашата вера во Светиот Дух, кога ќе ја загубите, да ја пронајдете, која ако ослабне да ја зајакнете, која, благодарејќи токму на непрестаното делување на Светиот Дух, преку искуство да го доживеете како заедница со Отецот и Синот Исус Христос. Не заборавајте дека Црквата и целото човештво, она кое што вас ве опкружува и кое вас ве очекува во иднината, многу очекуваат од вас младите, бидејќи вие во себе го носите возвишениот дар на Отецот, Исусовиот Дух.

2. Ветувањата на Светиот Дух во Библијата

Внимателното слушање на Словото Божјо за тајната на делување на Светиот Дух нè отвара за големи и поттикнувачки спознавања, кои ги опфаќам во неколку точки.

Непосредно пред своето Вознесение, Исус на своите ученици им рече: „И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец“ (Лука 24,49). Тоа се оствари на Педесетница, кога заедно со Дева Марија, сите тие биле во горната одаја соединети во молитва. Слегувањето на Светиот Дух врз Црквата, која се раѓала е остварување на древното Божјо ветување, најавувано и подготвувано низ целиот Стар Завет.

И навистина, веќе од првите страници од Библијата се спомнува Духот Божји, како Дух кој „лебдеше над водите“(сп. 1. Мојсеј 1,2), и дообјаснува како Бог дувајќи во носот на човекот му го дава животниот дух (сп. 1. Мојсеј 2,7), а со тоа му го вдахнал и самиот живот. По прародителскиот грев, животворниот Дух Божји во повеќе наврати ќе се објави во историјата на човештвото, надахнувајќи пророци да го повикуваат избраниот народ да се врати кон Бог и верно да ги пази заповедите. Во познатата визија на пророкот Језекиил, Бог со својот Дух го оживува израелскиот народ, претставен со слика на „суви коски“ (сп. 37,1-14). Јоил пророкува „излевање на духот“ над целиот народ, при што никој нема да биде изоставен: „А по тоа“ - пишува светиот автор - „ќе излијам од Мојот Дух врз секоја плот... а и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух (2,28-29).

Кога се „исполни времето“ (сп. Галатјаните 4,4), ангелот Господов објавува на Девицата од Назарет дека врз неа ќе слезе Светиот Дух, „Сила на Севишниот“, и дека ќе ја осени. Поради тоа и Оној кој што таа ќе го роди ќе биде свет и ќе се нарече Син Божји (сп. Лука 1,35). Според зборовите на пророк Исаија, Месија ќе биде оној на кој ќе почива Духот Господов (сп. 11,1-2; 42,1). Токму ова пророштво Исус го спомнува на почетокот на својата јавна мисија во синагогата во Назарет: „Духот Господов е врз мене“ - им кажа на присутните кои беа многу запрепастени - „затоа ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова“ (Лука 4,18-19; сп. Исаија 61,1-2) Обраќајќи им се на присутните, овие пророчки зборови ги примени за себе, потврдувајќи ги: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте“(Лука. 4,21). Потоа пред својата смрт на крстот, на своите ученици повеќе пати им го најави слегувањето на Светиот Дух „Утешител“, чија мисија ќе биде да сведочи за него и ги помазува верните, да ги учи и ги воведува во Вистината  (сп. Иван 14,16-17.25-26; 15,26; 16,13).

3. Педесетница, појдовна точка за мисијата на Црквата

Вечерта, на денот на Воскресението, кога Исус им се јави на апостолите, забележано е: „дувна и им рече: Примете Дух Свети!“ (Иван 20,22) На Педесетница, Светиот Дух слегува врз апостолите со уште поголема сила: „И ненадејно се чу шум од небото“ - читаме во Делата на светите апостоли - „како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив“ (2,2-3).

Светиот Дух од внатре ги обнови апостолите и ги исполни со сила преку која станаа храбри во проповедањето:  „Христос умре и воскресна!“ Беа слободни од секаков страв, па започнаа да говорат со потполна смелост (сп. Дела 2,29; 4,13; 4,29.31). Од престрашени рибари станаа храбри проповедници на Евангелието. Дури и нивните непријатели не можеа да сфатат како овие луѓе „неуки и прости“(сп. Дела 4,13) можат да бидат толку храбри и како со радост поднесуваат толкав отпор, страдање и прогонство. Ништо не можело да ги запре. На оние кои сакаа да ги замолчат им одговараа: Ние не можеме да не говориме за она, што сме виделе и чуле. (Дела 4,20) Така настана Црквата, која од Педесетница не престана да ја распространува Радосната вест „дури до крајот на земјата“ (Дела 1,8).

4. Светиот Дух, душа на Црквата и почеток на заедништвото

За да можеме да го разбереме посланието на Црквата, мораме да се вратиме во горната одаја, каде што учениците очекувајќи го ветениот Дух, беа еднодушни (сп. Лука 24,49) и молеле со Марија,  „Мајката“. Од оваа икона на Црквата во нејзините почетоци, би требало трајно да се надахнува секоја христијанска заедница. Апостолската и мисиската плодност не е првенствено резултат на пасторални програми и методи, кои можат мудро и „ефикасно“ да се изработат, туку тоа е плод на постојаната молитва на заедницата (сп. Павле VI, Apost. eks. Evangelii nuntiandi, 75). Успехот на мисијата, освен тоа пред сè бара заедниците да бидат едно, да бидат „едно срце и една душа“ (сп. Дела 4, 32), и да бидат подготвени да сведочат за љубовта и радоста кои Светиот Дух ги излива во срцата на верните (сп. Дела 2,42). Слугата Божји Иван Павле II запиша, дека мисијата пред сите други активности значи сведочење и навестување (сп. Енц. Redemptoris missio, 26). Така било и на почетокот на христијанството: поганите, како што пишува Тертулијан, се преобраќале кога ќе ја виделе љубовта која ја имале христијаните помеѓу себе: „Гледај“ - велеле - „како се љубат еден со друг!“(сп. Apologeticus, 39 § 7).

По овој краток преглед на Словото Божјо во Библијата, ве повикувам да препознаете како Светиот Дух е највозвишениот дар Божји на човекот, најсилно сведоштво на неговата љубов кон нас, љубов која конкретно се изразува во она „ДА за животот“, кој Бог го дарува на секое негово создание. Ова „ДА за животот“ својот целосен израз го добива во Исус од Назарет преку неговата победа над злото, преку откупувањето. Во таа смисла никогаш да не заборавиме дека токму преку силата на Духот, Исусовото Евангелие не може да остане само чиста констатација, туку сака да стане „радосна вест за сиромасите, ослободување на заробените, на слепите прогледување...“ Тоа е она што со целата своја сила се објави на Педесетница, и така стана благодат и послание, основно послание на Црквата за светот.

Ние сме плод на ова послание на Црквата преку делувањето на Светиот Дух. Во себе го носиме оној печат на љубовта на Отецот во Исус Христос, кој е Светиот Дух. Никогаш да не заборавиме, дека Господовиот Дух постојано се спомнува на секој од нас, а посебно преку вас младите, сака во светот да разбуди оган и ветар за нова Педесетница.

5. Светиот Дух „Внатрешен Учител“

Драги млади, и денес Светиот Дух продолжува да делува силно во Црквата. Неговите плодови се изобилни во она мера во која сме подготвени да се отвориме за неговата сили која обновува. Затоа е важно секој од нас да го спознае, со него да стапи во близок однос и да му дозволи Тој да го води. Но овде, секако се наметнува едно прашање: Кој е за мене Светиот Дух? Не е мал бројот на оние христијани за кои Тој сè уште е „голем туѓинец“. Поради тоа сакав да ве повикам, подготвувајќи се за следниот Светски ден на Млади, да го продлабочите сопственото позавање на Светиот Дух.  Во нашиот символ на верата исповедуваме: „Верувам во Светиот Дух, Господ и животворец, кој излегува од Оца“(Никејско-цариградски символ на верата).Да Светиот Дух, Духот на љубов на Отецот и Синот е извор на животот кој нас нè посветува, „зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Светиот Дух, кој ни беше даден“ (Римјаните 5,5). Сепак не е доволно само да се познава. Неопходно е да се прифати како водач на нашите души, како „Внатрешен Учител“ кој нè воведува во тајната на Пресветата Троица, бидејќи единствено Тој може да нè отвори за верата и да нè направи секојдневно да ја живееме во полнина. Тој нè упатува на други, го запалува во нас огнот на љубвта и нè оспособува за мисинонери на Божјата љубов.

Добро знам, колкаво големо почитување, вие младите, носите во срцето кон Исус, колку сакате да го сретнете и со него да разговарате. Сепак сетете се дека токму присуството на Духот во нас потврдува, содржи и ги сообразува нашите личности кон Личноста на самиот, распнат и воскреснат Исус. Значи за да му се приближиме на Исус, треба да станеме блиски со Светиот Дух.

6. Света тајна миропомазание и евхаристија

Но - ќе кажете - на кој начин можеме да му дозволиме на Светиот Дух да нè обнови и да расте во нашиот духовен живот? Одговорот е - како што знаете - следниот: тоа е возможно преку светите Тајни , бидејќи верата расте и зајакнува благодарејќи на светите Тајни, пред сè преку светите Тајни на христијанската иницијација: крштение, миропомазание и евхаристија, кои меѓусебно се надополнуваат и една од други се неразделни (сп. Катехизам на Католичката Црква, 1285). Оваа вистина за трите свети Тајни кои стојат на почетокот на нашиот христијански живот помалку е запоставена во животот на не мал број христијани, за кои тоа се само некои чинови направени во минатото без реална поврзаност со денешницата, како корења без витален сок. Се случува многу млади, по примањето на миропомазанието, да се одалечуваат од животот со вера. Постојат, исто така и млади кои и не ја примаат оваа света Тајна. Сепак преку светите Тајни крштение, миропомазание, и редовно евхаристиско причестување, Светиот Дух ни дарува да станеме синови и ќерки на Отецот, Исусови браќа и сестри, членови на неговата Црква наследници на радоста во верата способни за сведочење на Евангелието.

Ве повикувам да размислите за ова што ви го пишувам. Денес е многу важно да се открие длабочината на светата Тајна миропомазание и да се сфати важноста на нашиот духовен раст. Оној кој ги примил светите Тајни крштение и миропомазание, нека се присети дека стана „храм на Светиот Дух“. Во него пребива Бог. Секогаш нека биде свесен за тоа и нека се бори богатството кое е во него да донесе плодови за светост. Оној кој е крстен, а сè уште нема примено света Тајна миропомазание, нека се подготви да ја прими, знаејќи дека така ќе стане „потполн“ христијанин, бидејќи миропомазанието ја усовршува крштелната благодат (сп. Катехизам на Католичката Црква, 1302-1304).

Светата Тајна миропомазание ни дава посебна сила за сведочење и прославување на Бог со целокупниот наш живот (сп. Римјаните12,1). Преку неа стануваме интимно свесни за нашата припадност кон Црквата, „Тело Христово“, живи членови, солидарни еден со друг (сп. 1 Коринтјани 12, 12-25). Секој крстеник, ако дозволи да го води Духот, може, благодарејќи на каризмите кои му се дарувани - бидејќи „на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза“ ( 1 Коринтјани 12, 7) - да се принесе сопствениот дар за изгрдба на Црквата. А кога делува Духот, во душата созреваат неговите плодови: „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Галатјаните 5,22). Оние меѓу вас кои сè уште ја немаат примено светата Тајна миропомазание, упатувам повик од сè срце, раководени од своите свештеници, да се подготват за да ја примат. Тоа е посбена можност за примање на благодати кои ви ги нуди Господ. Затоа не дозволувајте да ви побегнат!

Би сакал да додам уште некои зборови за Евхаристијата. За да можете да растете во христијанскиот живот треба да ја примате храната на Телото и Крвта Христови. Ние навистина сме крстени и миропомазани за да можеме да учествуваме на Евхаристијата (сп. Катехизам на Католичката Црква, 1322; Ap. eks. Sacramentum caritatis, 17). Како „извор и врв“ на црковниот живот, Евхаристијата е „Постојана Педесетница“, бидејќи секогаш кога славиме света Евхристија го примаме Светиот Дух, кој уште подлабоко нè соединува со Христос и нè преобразува во Него. Ако, драги млади, почесто бидете дел од евхаристиските славења, ако малку од вашето време посветите за поклонување на светата Тајна Евхаристија, тогаш од тој извор на љубов и вас ќе ве зафати радосна решителност својот живот да го посветите на Евангелието и да го следите. Истовремено ќе почуствувате дека таму каде што нашите сили не се доволни, Светиот Дух доаѓа да нè преобрази, да нè исполни со својата сила и нè направи сведоци, исполнети со мисионерски пламен на Воскреснатиот Христос.

7. Неопходност и итностна мисијата

Многу млади со голем страв гледаат на сопствениот живот и со оглед на својата иднина си поставуваат многу прашања. Тие загрижено се прашуваат: како ќе се вклопиме во овој свет во кој има толку многу неправди и страдања? Како можеме да реагираме на себичноста и насилствата кои понекогаш преовладуваат? Како можеме да му дадеме потполна смисла на нашиот живот? Што треба да се направи плодовите на Духот, кои веќе ги спомнавме „љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброта, милосрдност, вера, кротост, воздржливост“ (бр. 6), го преплават овој свет, пред сè светот на младите, кој е толку многу слаб и ранет? Под кои услови животворниот Дух на првото создавање, а пред сè на второто создавање или откупување може да стане душа на новото човештво? Да не заборавиме, колку и да е голем дарот Божји - а дарот на Исусовиот Дух е најголем - толку е поголема потребата светот да го прими. Затоа посланието на Црквата е големо и воодушевувачко, бидејќи треба да оствари веродостојно сведоштво. А вие младите, преку Светскиот ден на Млади, на посебен начин ја потврдувате подготвеноста да учествувате во тоа послание. Поради тоа, драги пријатели, ми лежи на срце да ве потсетам на одредени вредности, на кои можете да се потпрете и за кои треба да размислувате. Уште еднаш ви напомнувам дека само Христос може да ги исполни интимните стремежи на човечкото срце. Само тој е во можност да го направи човештвото похумано, и да го доведе до „обожување“. Со силата на својот Дух, тој во нас ја излева божествената љубов, која нè прави да бидеме способни да го љубиме ближниот и да му служиме. Светиот Дух просветлува, објавувајќи го Распнатиот и Воскреснатиот Христос и ни го покажува патот како да станеме слични на него, за да станеме „израз и орудие на љубовта која од него доаѓа. (Енц. Deus caritas est, 33). А оној кој дозволува да го води Духот, спознава дека да се служи на Евангелието не е некоја споредна одлука, бидејќи забележува колку е важно Радосната Вест да се пренесе и на други. Сепак треба повторно да се нагласи дека можеме да сведочиме за Христос само ако дозволиме да нè води Светиот Дух, кој „во евангелизацијата е главен фактор“(сп. Evangelii nuntiandi,75), „протагонист на мисиите“(сп. Redemptoris missio, 21). Драги млади, како што веќе повеќе пати имаат повторено моите почитувани претходници, Павле VI и Иван Павле II, денес од било кога е попотребно да се навестува Евангелието и да се сведочи верата (сп. Redemptoris missio,1). Некои сметаат дека претставувањето на скапоценото богатство на верата за поединци кои не учествуваат во неа, е нетолерантно кон нив. Но тоа не е така, бидејќи да се претстави Христос не значи да се присилува (сп. Evangelii nuntiandi, 80). Всушност, уште пред две илјади години дванаесетте апостоли ги дадоа своите животи за да можат сите да го запознаат и засакаат Христос. Од тогаш, благодарејќи на мажи и жени кои беа понесени со истиот мисионерски жар, продолжува да се шири Евангелеието. Затоа и денес се потребни Христови ученици, кои кога е во прашање служење на Евангелието, нема да го штедат своето време и сили. Потребни се млади кои од внатре ќе горат од љубов кон Бог и кои, како што тоа во минатото го правеа многу блажени и млади светии сè до денешни денови, одговарајќи великодушно на тој горлив повик. Ве уверувам дека и денес Исусовиот Дух ве повикува вас младите да бидете навестувачи на Исусовата добра вест на вашите врсници. Постоењето на проблемите со кои се соочуваат возрасните да навлезат на сфатлив и уверлив начин во просторот на младите, може да биде знак со кој Духот намерава да ве поттикне вас младите да ја преземете таа задача. Вие ги познавате идеалите, јазикот, дури и раните и очекувањата, како и настојувањата кон добро на вашите врсници. Тоа отвара широко подрачје на чувства, работа, образование и воспитување, очекувања и страдања... Секој од вас нека има храброст и нека му вети на Светиот Дух, дека на начин кој го смета за најдобар, една млада личност ќе доведе до Исус Христос. Бидете „секогаш подготвени со кротост да дадете одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж“ (1 Петар 3,15).

За да ја постигнете таа цел, драги пријатели, бидете свети, бидете мисионери, бидејќи светоста никако не може да се одвои од посланието (сп. Redemptoris missio, 90). Не плашете се да бидете свети мисионери, како свети Фрањо Ксаверски, кој со своите последни сили, го минуваше целиот далечен Исток проповедајќи за Радосната Вест, или како света Тереза од Детето Исус, која била мисионерка, иако никогаш не го напуштила Кармел. И тој и таа се „Заштитници на Мисиите“. Бидете подготвени својот живот да го ставите во опасност за да го расветлите светот со Христовата вистина; за да одговорите со љубов на омразата и презирањето на животот, за да го навестувате на секој агол од земјата надежта во Воскреснатиот Христос.

8. Молитва за „нова Педесетница“ во светот

Драги млади, ве очекувам во голем број во јули 2008 година во Сиднеј. Тоа ќе бидепровидносна прилика да во полност ја искусите силата на Светиот Дух. Дојдете во голем број за да можете да бидете знак на надеж и скапоцена подршка на Црквата во Австралија, кои се подготвуваат да ве примат. За младите од земјата која ќе нè прими ќе биде посебна прилика на своето, во многу нешта секуларно општество, да му навестат за убавината и радоста на Евангелието. Австралија, како и Океанија, треба повторно да ги откријат своите христијански корени. Во постсинодалното Апостолско послание Ecclesia in Oceania, Иван Павле II напиша: „Со силата на Светиот Дух, Црквата во Океанија се подготвува за нова евангелизација на народите кои денес гладуваат за Христос... Новата евангелизација е приоритет за Црквата во Океанија“ (бр. 18).

Ве повикувам во текот на овој последен период на подготовка пред XXIII Светски ден на Млади доста време да посветите на молитвата и својот духовен раст, како би можеле во Сиднеј да ги обновите вашите ветувања дадени при крштението и миропомазанието. Заедно ќе го повикуваме Светиот Дух, молејќи го со вера за дар на нова Педесетница за Црквата и за човештвото во третиот милениум.

Нека Марија, која со апостолите беше соединета во горната одаја, ве следи низ овие месеци и нека за сите млади христијани измоли ново излевање на Светиот Дух, кој ќе ги запали вашите срца. Не заборавајте: Црквата има доверба во вас! Ние, пастирите, посебно молиме да го засакате Исус, да им помогнете на другите да го засакат и верно да го следат. Со овие чувства сите вас со голема љубов ве благословувам.

Од Лорензаго, 20 јули 2007

БЕНЕДИКТ ПП. XVI

 

© Copyright 2007 - Libreria Editrice Vaticana

 



Copyright © Dicastero per la Comunicazione - Libreria Editrice Vaticana